Аналитичари: Не е официјализиран албанскиот, туку „јазикот на 20%“

Неколкупати беше повторувано дека албанскиот јазик е официјализиран во Македонија, но колку навистина е официјализиран сега кога во Службен весник беше објавен Законот за јазиците? Во дебатниот магазин „Клик Плус“, дел од аналитичарите рекоа дека не е официјализиран албанскиот, туку јазикот на 20%.

„Овој јазик е службен само во неколку делови, односно каде има 20%, но не може да биде службен на сите нивоа на Македонија. Тука зборувам и како претседател на Форумот за човекови права. Има прекршок, бидејќи во многу градови во Македонија каде Албанците не се застапени со 20% немаат право да говорат на албански јазик. Овој јазик не е официјален, туку има службена употреба само во оние делови каде има Албанци повеќе од 20%. А, онаму каде што се помалку од 20%? Како на пример Битола, Прилеп, Охрид, Велес, делови од Скопје? Тука има прекршок“, изјави Адил Мустафа – аналитичар.

“Сѐ додека статусот на Албанците не се реши, не е исполнето ниту нивното барање – да бидеме еднакви, секако дека и јазикот автоматски нема можност да биде рамноправен. Од ова, можеме да заклучиме дека албанскиот јазик е наречен „јазик на 20%“. Значи, не е јазикот на Албанците, туку јазикот на 20%, што значи дека утре како службен јазик може да излезе некој друг. Излегува дека не е рамноправен како службен јазик“, вели Веби Беџети – лингвист.

И универзитетската професорка, Ајтене Ќамили вели дека во многу сегменти, нема простор за албанскиот јазик.

“Би сакала да го додадам и прашањето за правосудството, дека и таму на многу места за албанскиот јазик нема простор. Доколку се спроведе самиот Закон, во однос на трошоците за повеќето документи, тие ќе бидат на товар на граѓаните, кои што се обврзани доколку сакаат тие документи да ги имаат и на албански јазик ќе имаат дополнителни трошоци и истите нема да бидат на трошок на државата, како што е тоа за македонскиот јазик“, додава Ајтене Ќамили – лингвист.

“Етничниот статус на еден народ го одразува и статусот на малцинскиот јазик, на другата култура или обратно. Тука има и разлика која треба да ја направиме кога велиме – државотворен. Државотворен во смисла на тоа што е тоа што можеме да направиме ние. Ако имаш еднакви права согласно Уставот, јазикот е најсилниот сегмент на државата“, додава нијази Мухамед – аналитичар.

Аналитичарите исто така не ја исклучија можноста во иднина албанскиот јазик да биде унапреден уште повеќе.

ТВ 21