Богојески: Го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас

Разрешениот заменик генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ Петар Богојески се огласи на Фејсбук, по вчерашната одлука на ИК на партијата.

„Ја поздравувам одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ во врска со мојот активизам во раководните структури, но не и во Партијата. Искажувам благодарност што сум ослободен од одговорноста што ја носев на себе и ја пренесував врз другите луѓе во Иницијативата за реформи.

Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ.

Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на Партијата на принципиелни основи.

ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек.

Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас.

Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис.

Мојата максима беше и останува „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!”
Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, со или без овие политички елити на македонската политичка сцена.

Јас сум подготвен на се, само Македонија да излезе од балканскиот кружен тек и да земе правец за Европа!

Мотивирани и сигурни во нашата вистина, продолжуваме понатаму со уште поцврсти и порешителни чекори за реформи и обнова на Партијата.

На сите со кои соработував во досегашниот период, искрено Ви благодарам!, пишува Богојески.