Бугарија ќе ги менува правилата за издавање на бугарски пасоши

Во Бугарија веќе трет ден главна тема во јавноста е аферата со државните службеници замешани во издавањето на бугарски пасоши за кои тарифата стигнувала и до 5.000 евра. Само минатата година од македонски граѓани биле поденсени 10 илјади барања за потврди дека лицата се со бугарско потекло. Засега нема официјално барање од бугарска страна за водење истрага и во Македонија, ниту пак македонските органи најавуваат таква истрага.

Министерството за правда во Бугарија на повеќе од 750 лица им го откажа издавањето уверение за бугарско потекло. Оваа афера веќе се квалификува како најсериозен случај на корупција во поновата историја на Бугарија.

„Македонија, македонксата влада и македонските истражни органи доколку се укаже потреба целосно стоиме на располагање да помогнеме, доколку одредени наоди индицираат дека постои нешто кое што треба да се истражи во Македонија“, изјави вчера портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Од досегашниот тек на истрагата во Бугарија откриени се 20.000 илјади преписки во Државната агенција за Бугари во странство кои служеле за посредување при добивање на документи, а со кои барателите од Македонија, Молдавија и Украина аплицирале за бугарски државјанства.

Во овој случај првообвинет е Петар Харалампиев, претседателот на Агенцијата за Бугари во странство, кој, според обвинителството, почна да бара мито веднаш штом ја презеде функцијата. „Харалампиев земал мито преку медијатори кои му ги носеле парите во неговата канцеларија. Станува збор за развиена шема за добивање на сертификати за потекло кои циркулирале преку најниските слоеви на агенцијата регрутирајќи се до горните слоеви на Агенцијата“, изјави заменик – главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев.

Во случајот засега се споменуваат и двајца посредници – српски и бугарски државјани.

Министерката за правда, Цецка Цачева најави дека до крајот на годината ќе има промени во Законот за издавање бугарски државјанства, а причината министерката ја образложи со цел да се избегнат идни малверзации  – односно издавање бугарски пасоши за странци

„Работната група има за задача да предложи промени на законот за бугарско државјанство во две насоки. Првата е при добивање бугарско државјанство по потекло каде што треба да се прецизираат ставките од членот 15 од законот, а втората се однесува на можноста да се добие бугарско државјанство преку натурализација, преку така наречените инввестиции“, рече министерката за правда, Цацка Цачева.

Бугарската партија ВМРО никогаш не зела пари за издавање на документи за бугарско државјанство, рече Красимир Каракачанов министер за одбрана и лидер на партијата гостувајќи во емисија за бугарска телевизија. Харалампиев бил негов предлог за оваа функција.

Изјавата на Каракачанов доаѓа по низата обвинувања во бугарските медиуми дека неговата партија се финансирала од продажба на пасоши.  Во емисијата, Каракачанов нагласи дека  неговата партија само ја бранела каузата на етничките Бугари од Македонија, Молдавија и Украина да добијат државјанство со поедноставена постапка.

„ВМРО не се финансира и никогаш не се финансирало. Ситуацијата е обратна. 28 години ВМРО ја помага дејноста на секакви бугарски структури во Македонија во однос на културни настани или стипендии за студенти“, вели Каракачанов.

Во врска со случајот се огласи и поранешниот шеф на агенцијата за Бугарите во странство, Борис Вангелов кој  истакна дека зад нападите дека државни службеници земале 5.000 евра од пасош, стојат антидржавни елементи кои шират лаги и нивен главен проблем бил жителите на Македонија да не добиваат бугарски пасоши. Поранешниот бугарски конзул во Битола, Наум Кајчев, пак, истакна дека ако едно лице е од Македонија, а има бугарско име, не треба да подлежи на строги критериуми и нагласи дека и во минатото постоеле слични обвинувања.

„Случката во Државната агенција за Бугарите во странство не е преседан, и во минатото имало слични скандали, апсења и обвинувања. Сега следува државните институции да ги видат проблемите и да го решат овој случај и се разбира, да се спречат условите за создавање на ваквите практики“, изјави Наум Кајчев.

Во аферата со издавањето документи за потекло беа уапсени 22 лица, а против четворица, се покренати обвиненија.

Истрагата беше започната откако Комисијата за спречување на корупцијата пред околу четири месеци добила сигнал за нелегални активности во врска со изнавањето на пасоши за граѓани на земји кои не се дел од Европската Унија.