Бугарски професор: Манијакалните претензии на македонските историчари се доказ дека се Бугари

expres.mk

Бугарскиот професор Андреј Пантев го нарече дрскост барањето на македонскиот дел од заедничката комисија за историски и образовни прашања Македонија да се извади од списокот со бугарски региони од учебниците по историја во Бугарија.

„Со такви манијакални претензии и императиви Македонците најдобро покажуваат дека се Бугари. Има една болна чувствителност на сите мали народи, кои бараат утеха и поткрепа во историјата за да си ја оправдаат својата современа беспомошност, така што ова е дел од она одвратно балканско ‘дрвење’, кое нè прави смешни пред светот“, изјави тој за Бугарско национално радио (БНР) без да одбира зборови.

„Подобро е да се разделиме цивилизирано како пријатели, а не како ѓаволи. Многу јасно е дека тие историчари, кои си ја заложиле кариерата и во Македонија, и во Бугарија, нема да се откажат од тоа што го тврделе, но и не гледам причина. Нема сериозен историчар во светот што не прифаќа дека Македонците историски се Бугари, но тоа вештачко меѓусебно погалување само затоа што сакаме да сме евроатлантици, нема да доведе до разубавување на спомените, ниту до поцивилизиран однос“, смета Пантев.

Историчарот забележува дека секоја земја во создавање бара историски причини за своето постоење.

„Има толку измислени ‘фактологии’. Нека се изживее секој со сопствените претстави. Македонците никогаш не бил дел од бугарската држава, освен за време на војни и, очигледно, кај нив се формира една оттуѓена свест, која ние не можеме да ја надминеме“, заклучува Пантев.