Џајковски се враќа на музичката сцена со полна пареа

Македонскиот музичар, композитор и продуцент Кирил Џајковски имаше целовечерен настап на плоштадот во Шибеник за време на Новогодишната ноќ пред неколку илјади луѓе. Тој досега има настапувано многупати низ Хрватска и секогаш реакциите на хрватската публика се без исклучок одлични. Но ова беше прв негов настап во Шибеник, од каде се врати во Скопје преполн со позитивни впечатоци.

„Задоволство ми беше овојпат да ја дочекам Новата Година за првпат во Шибеник, со одлично расположена публика која со многу позитивен и славенички набој направи да се создаде искрена и прекрасна атмосфера“ , вели Џајковски.

На него се надоврза и реге артистот Дејвид Лајон кој настапи заедно со концертниот бенд на Кирил и по тој повод изјави:

„Фантастично искуство! Ова беше мое прво гостување во Хрватска и наедно прва посета на земјата. Уживав во секој поминат момент. Настапувавме на прекрасна локација, публиката беше толку пријателски наклонета и како резултат на тоа се создаде совршена интеракција меѓу нас на сцената и публиката за време на настапот“

Наедно, по едногодишна пауза Кирил повторно се враќа на сцената со свежа музичка понуда. Неодамна беше промовиран и неговиот најнов сингл „Reminder“ за кој е изработен и одличен видео запис. Песната „Римајндер“ е прва соработка на нашиот композитор со познатиот реге артист, вокалистот Дејвид Лајон и претставува храбра фузија на Балкан Бит, звукот на glitch-hop и реге влијанијата.