Ќе има ли парламентарни заедно со претседателските

ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави изјавата на евро – амбасадорот, Самуел Жбогар, дека ЕУ ќе ги поддржи предвремените парламентарни избори доколку така одлучат политичките партии. Опозицијата бара распуштање на Собранието.

До крајот на неделата се очекува СДСМ да одлучи дали ќе се одржат предвремените парламентарни избори заедно со претседателските.

За предвремени избори е и партијата на Али Ахмети.

„Ние сме подготвени за избори. Доколку го гледаме партискиот интерес, нема подобро време за предвремени избори за ДУИ, ова го велиме врз основа на сите анализи на јавното мислење. Меѓутоа ова не е во државен интерес, поради тоа што месеците што следат се клучни за добивање на датум за започнување на преговорите и за потврдување на динамиката за ратификација на протоколите за членство во НАТО, во парламентите на сите земји -членки.“ – ДУИ.

Од Алијанса за Албанците, велат дека тие секогаш се за избори.

„Како опозициска партија секогаш сме за избори, дотолку повеќе што преовладува вознемиреност кај Албанците осебно поради ДУИ и од Владата воопшто, од нивните очекувања за политичките барања, функционирањето на правната држава, па се до економската благосостојба на граѓаните која е иста како од пред две години, од времето на владеењето на ДУИ-ВМРО! Изборите секогаш се можност за да има промени на политичката сцена и сувереноста треба да се користи како можност за да се санкционираат или наградат политичките сили.“ – Алијанса за Албанците.

Меѓутоа власта не ја исклучува можноста за одржување на парламентарните и претседателските избори на пролет. Ова го докажува и неодамнешната изјава на министерката за правда Дескоска, која потврди дека е „за“ предвремени избори. Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе ги распише најдоцна до 8 февруари, но доколку власта одлучи да оди на предвремени парламентарни избори, тогаш истите ќе можат да се распишат од 5 до 20 март, а претходно би имало договор за таканаречената „Пржинска Влада“ со краток мандат.