Македонка во Лабораторијата за астрофизика на Марсеј – зела две дипломи за 4 години, одбранила две дипломски за два дена

Таа зела две факултетски дипломи за 3 години и 9 месеци. Дипломската за астрономија и астрофизика ја бранела на 30 јуни 2016, а дипломската за наставната насока ја бранела следниот ден, на 1 јули. Првпат на Институтот по физика ист студент одбранил две дипломски во два дена

За нецели четири години добила две факултетски дипломи на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Едната за физичар инженер, со насока астрономија и астрофизика, а другата како професор по физика. Сама се изборила за целосни стипендии во Франција и за магистерски и за докторски студии.

Скопјанката Јана Богданоска сега почнува со докторски студии на Универзитетот „Екс-Марсеј“ како студент на Лабораторијата за астрофизика на Марсеј (LAM – Laboratoire d’Astrophysique de Marseille) каде што ќе ја испитува еволуцијата на галаксиите. Ова е заедничка истражувачка единица на Францускиот национален истражувачки центар (CNRS – Centre national de la recherche scientifique) и универзитетот „Екс-Марсеј“ (AMU – „Aix-Marseille Université“).

– Кога се запишав на ПМФ на Институтот за физика, ја избрав насоката астрономија и астрофизика. Во текот на студирањето дознав дека е возможно да се започнат паралелни студии, што значи да се биде запишан на два факултета истовремено. Отсекогаш сум имала желба да се занимавам и со настава, па затоа се запишав паралелно на наставната насока на Институтот по физика – вели Богданоска.
На дипломите ѝ пишува дека ги завршила двата факултета за 3 години и 9 месеци. Дипломската за астрономија и астрофизика ја бранела на 30 јуни 2016, а дипломската за наставната насока ја бранела следниот ден, на 1 јули. Првпат на Институтот по физика ист студент одбранил две дипломски во два дена.

Целосна стипендија се добива со малку среќа и многу упорност

Следната станица на Јана биле магистерски студии во Марсеј, Франција, на Универзитетот Екс-Марсеј. Таа добила целосна стипендија, за која вели дека се постигнува со малку среќа и многу упорност.

– Постојат многу можности за студии надвор од Македонија, но треба тие да се најдат и да се аплицира. Понекогаш не е лесно да се најдат вакви можности, па затоа е многу важно постојано да се следат понудите, да се проверува на што повеќе места и, секако, да се аплицира. За критериумите не би можела да кажам бидејќи се различни од универзитет до универзитет. Најчесто станува збор за рангирање помеѓу кандидатите, па затоа секогаш е подобро да се има повисок просек, но и присуство на конференции и летни школи, пракси и слично исто така придонесуваат кон целокупната оценка на кандидатот. Секако, и препораките од професори се многу важни – вели Богданоска.

Повеќе на fakulteti.mk