Оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците

Професорот Јове Кекеновски денес поднесе иницијатива за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

„За да биде усвоен овој закон потребно е за него да гласа двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници, што значи дека за да биде усвоен потребни се 80 гласа ‘за’, а не 69“. Кекеновски нагласи исто така дека Уставниот суд треба да има предвид дека законот не е потпишан од претседателот и според досегашната таква пракса не може да стапи на сила.

Тој побара до донесувањето на конечната одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат во моментов врз основа на законот.

Претходно Кекеновски на својот Фејсбук профил запраша зошто и по поминати 16 месеци ниту Владата ниту министрите не побарале мислење од Венецијанската комисија, за овој закон.

„Законот за јазици е изготвен од страна на Министерот за правда. Владата на 04.08.2017 година ги задолжува министерот за правда Десковска и министерот за надворешни работи Димитров да побараат мислење од Венецијанската комисија. И по поминати 16 месеци од задолжувањето ниту министрите, ниту Владата имаат побарано такво мислење. Ќе ни објасните премиере Заев зошто не ги почитувате сопствените одлуки”?