Руската православна црква ги прекина односите со Цариградската патријаршија

slobodnaevropa.mk

Руската православна црква одлучи да ги прекине односите со Цариградската патријарша, откако Вселенската патријаршија се согласи да ја признае независноста на Украинската православна црква.

Одлуката ја објави митрополитот Иларион, шеф за надворешни односи на Руската православна црква по состанокот на црковните лидери во главниот град на Белорусија, Минск. Тој на новинарите им изјави дека немале друг избор освен да ги прекинат односите со Цариградската патријаршија.

„Донесена е одлука за целосен прекин на односите со Вселенската патријаршија, што значи дека свештениците од двете цркви не можат да служат заедно, верниците од едната не можат да одат во другата црква“, рече тој.

Тој исто така рече дека е нелегална и канонски безвредна одлуката на Цариград да ја поддржи независноста на Украинската црквата, за која Руската црква вели дека е расколничка.

Иларион се надева дека кај Цариградската патријаршија ќе преовлада здравиот разум и дека ќе го промени своето мислење.

Светиот Синод беше свикан од страна на московскиот патријарх Кирил, поглавар на Руската православна црква, откако Вселенскиот патријарх Вартоломеј на 11 октомври се согласи да ја признае независноста на Украинската православна црква .