Сериозно се разгледува опцијата предвремени парламентарни заедно со претседателските избори

Оваа недела ќе имаме сериозни разговори, и во рамки на нашата партија и во рамки на владејачката коалиција околу тоа дали ќе одиме и на предвремени парламентарни избори, односно кој ќе биде нашиот кандидат за претседател на државата, порача вчера вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска. Таа вели дека, како човек кој има позиција и на „Бихаќска“ и на „Илинденска“, сака прво да ги соопшти своите ставови во партијата, а потоа и во медиумите, одговарајќи на прашањето дали е за вонредни избори и дали е заинтересирана да го наследи Ѓорѓе Иванов.

„Сега целиот фокус е на она што го најавивме на почетокот на нашиот мандат, следните неколку недели да го реализираме тоа што го најавуваме и со тоа верувам дека на вистински начин ќе заслужиме поддршка на кои било избори. Не да зборуваме за следното, туку да го испорачаме тоа што сме го кажувале и вчера, и завчера, и изминатата година“, додава Шекеринска.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, вчера изјави дека се уште немаат став во врска со претседателските избори, но дека се согласуваат со предлогот за избор на претседатело во Собранието.

„Се уште не сме имале состанок на Централното раководство, откако ќе го одржиме, ќе го имаме нашиот став во врска со претседателските избори. Нашиот став продолжува да биде насочен кон избирањето на Претседател во Собранието, бидејќи само во оваа форма зборот „консенсуален“ го добива правото значење. Може да има консенсуална кандидатура и консенсуален претседател нема затоа што за тоа решава народот, но е разбирливо за нас дека ова е некаква игра на политичкиот субјект којшто во има на оваа консенсуалност му го загарантира петгодишниот мандат на Ѓорге Иванов, мислам на ДУИ, и сега немаат бидејќи избегнуваат да им се откријат валканите игри што ги правеа некогаш во врска со претседателските избори. Има време, кога ќе се распишат изборите, ќе се огласиме“, изјави Села.

Во врска со можноста за одржување на предвремени парламентарни избори истовремено со претседателските, Села вели дека се потребни.

„Ние сме за предвремени парламентарни избори, заради многу прашања. Освен планот за добрососедство и надворешна политика, за што беше заслужен меѓународниот фактор, ова се однесува на Преспанскиот договор и промената на името, и уставните измени, во сите останати сфери, Владата беше неуспешна. Ако го земеме предвид фамозниот слоган „ Нема правда – нема мир“, знаете добро каква правда имаме денес. Снимани криминалци додека извршуваат кривична постапка се амнестираат, а невините што се во затвор и ден денес не добиваат тоа што очекуваа, ослободување од затвор или обештетување. Главното ветување на Владата беше правдата, и тука беше безуспешна“, рече Села.

„Скопското крило“ е за предвремени избори

Премиерот Зоран Заев, по завршувањето на зимскиот одмор, од вчера ги презел работите во свои раце и почнал да ги координира активностите за следниот период. Извори од партијата брифираат дека внатре постои расположение да се удоволи барањето на опозицијата и да се распишат предвремени парламентарни избори, но оти најголем проблем биле заканите од меѓународните партнери дека во тој случај пропаѓа секоја шанса земјава да се фокусира на потребните реформи и да добие позитивна оценка во јуни за старт на преговорите за членство во Европската Унија. Несогласувањата со ДУИ кои, барем на хартија, цврсто ги бранеле позициите на Брисел и на Вашингтон, се проценува дека би се разрешиле и би се нашол заеднички јазик.

Како поддржувачи на идејата да се стави на тест довербата на граѓаните кон владата и кон СДСМ, се споменуваат имињата на вицепремиерката Шекеринска, како и на министрите Рената Треневска-Дескоска и Дамјан Манчевски. Министерката за правда веќе јавно се изјасни дека треба да се оди на вонредни избори и оти тоа им го соопштила на сопартијците. Против „скопското крило“, наводно, ништо против нема ниту Заев, но тој сакал најпрво да се „договори“ со партнерите од ЕУ и од НАТО.

Калкулациите кај социјалдемократите се дека напролет, откако ќе ја добиеме поканата за НАТО што треба да уследи по финализацијата на договорот со името, како и обезбедената поддршка од албанските гласачи поради Законот за јазици, не би било воопшто лошо да се организираат брзи избори во надеж дека ќе ја зацврстат својата позиција во парламентот, а потоа и во Владата. Во партијата има и размислување дека не би било лошо да се почека идната година и редовните избори доколку во земјата се почувствува напредок во економијата, но се стравува оти тоа е меч со две острици, затоа што незадоволството кај граѓаните расте, а од друга страна, секое пролонгирање на изборите ѝ дава време на опозицијата за дополнително консолидирање.

Кога се во прашање претседателските избори, премиерот Заев тактизира и се обидува рационално да ја изменаџира ситуацијата, затоа што четворица истакнати соработници ја „меркаат“ позицијата шеф на државата. Токму затоа, тој е внимателен да не дојде до зла крв меѓу нив.

„Пред да замине на скијање, тој даде задача да се направи анкета и да се испита рејтингот на четворицата кандидати кои покажаа аспирации да бидат наши претседателски фаворити. Тоа се Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Никола Димитров. Сондажите сè уште се во тек, но времето нè гази, чекаме да заврши процесот со ратификацијата на договорот за името во грчкиот парламент, па веќе идната недела би требало да знаеме со кого ќе истрчаме на изборите кон крајот на април“, тврди функционер на СДСМ.