Зошто и децата од незагадените градови да не одат на училиште?

Мерките на Владата во услови на екстремна загаденост ја збунија јавноста. Се наметнаа прашања за кои нема одговори. Колку овие мерки ќе бидат ефикасни нема ни потреба да се дискутира, затоа што директно не влијаат на загадувањето ама баш ич.

Бесплатниот превоз на ЈСП во услови на екстремна загаденост и претходно се применуваше, но тоа воопшто не го намали сообраќајот во главниот град. Напротив сообраќајниот метеж и денеска е сериозен проблем на скопските улици. Дуплирањето на цените за паркирање на паркиралиштата на „Градскиот паркинг“ не ги одврати возачите. И денеска едвај се наоѓаше празно паркинг место во Центар.

Кој ги советува властите?

Најапсурдното прашање е зошто од училишна настава се лишени и децата од градовите кои не се загадени. Родителите реагираат дека е спорно тоа што училишните врати ќе бидат затворени овие два дена. Како прво, велат родилите, во училиштата има прочистувачи на воздух, а од загадениот воздух и онака не може да се избега. Легитимно прашуваат кој да им ги чува децата додека тие мораат да одат на работа? Каде да ги остават?

За мерката како да нема рационално објаснување. Крива Паланка, Крушево, Кратово, Берово, Пехчево, Ресен, Дојран и многу други градови не се на листата на загадени. Во нив нема ниту мерни станици за да се утврди концентрација на ПМ честици. Во овие градски средини денов е како секој друг ден, а сепак училишните клупи се без деца. Значи станува збор за стотици училишта кои ќе бидат затворени затоа што проблемот со загадувањето останува нерешен во одреден број градови. Мерка која нема никаква логика.

Но од Владата не се расположени за дискусија дали е мерката рационална или не. На наше прашање зошто е тоа така, од таму ни одговорија.

-Отворен цитат ‘Мерката важи на нацинално ниво’, затворен цитат – гласеше одговорот од Владата.

Кратко и јасно, без многу објаснувања за нејзината оправданост. Дополнително добивме уверување дека на владините функцинери ќе им биде пренесен нашиот став дека мерката е нелогична.

На зимски распуст отишло ли и рационалното однесување во земјава, иако не дека некогаш сме го имале. Кога ќе се расчисти воздухот и ќе можеме на раат да вдишеме, тогаш и ќе заборавиме дека сме го имале проблемот. Па така ќе продолжи да си врви карванот со политички препукувања, патриотски изблици и предавнички клевети, а во меѓувреме не следи срамот за најзагадена земја во светот во која клиниките се полнат со пациенти кои страдаат од пулмонални заболувања.

И повеќе од јасно ни е дека загаденоста не може да се реши преку ноќ, дека се потребни долгорочни мерки. За поздравување е одлуката на Владата за стопирање на градежни активности и за наредбата да се намали производството во одредени индустриски капацитети.

Тоа е потребно, радикални мерки. Но домаќинствата со посочени како најголеми загадувачи, а луѓето ќе продолжат да се греат на дрва и овие денови и деновите потоа, се додека не им биде понудено друго решение.

Последно прашање: Зошто со месеци во најголема загаденост не работат мерните станици во најзагадените населби Гази Баба и Ново Лисиче? Нели е тоа несериозно? Ако нема средства за да се поправат овие мерни станици, како ќе се одвојат средства за поголеми зафати кои се неопходни за да се намали загаденоста.